Општина Илинден е во завршна фаза од реализацијата на еден од позначајните капитални инфраструктурни проекти, изградбата на нов плочест мост и сервисната улица „500“, со кои се воспоставува нова сообраќајна врска меѓу населеното место Марино и населбата Јака. Во рамки на завршните градежни активности, започнато е поставување на првиот асфалтен слој.
Сервисната улица „500“ е во должина од 260 метри, со коловоз широк 5,5 метри и тротоари со ширина од по 1,5 метри од двете страни. Во рамки на проектот изграден е и нов плочест мост со коловоз широк 6 метри и тротоари од по 1,5 метри од двете страни. Дополнително, проектот опфаќа и изградба на систем за собирање и одведување на фекалните отпадни води, односно нова фекална канализација за објектите кои гравитираат кон оваа улица.

Увид во текот на асфалтирањето изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгевски, кој истакна дека новиот мост и сервисната улица „500“ се надоврзуваат на улиците „119“ и „111“, коишто Општината ги реализираше во изминатиот период. Со нивното поврзување, населба Јака добива целосно нов влез и излез, како и директна сообраќајна врска за повеќе од 330 семејства со н.м Марино и со централниот дел на општината.

Средствата за реализација на проектот се обезбедени со 60 проценти финансиско учество од Владата на Република Македонија и 40 проценти од Буџетот на Општина Илинден, а со реализацијата на овој проект ќе се подобрат сообраќајната поврзаност и безбедноста за движење на сите учесници во сообраќајот во овој дел од општината.
Текстот Во завршна фаза е изградбата на мостот што ги поврзува Марино и Јака во општина Илинден е превземен од МАКФАКС.




