Во земјава нема таблета за дезинфекција на септичките јами, мапирани како високоризични за ширење на западнонилскиот вирус

Во земјава нема таблета за дезинфекција на септичките јами, мапирани како високоризични за ширење на западнонилскиот вирус

пред 4 часа

Здравствените власти денес препорачаа дезинфекција на септичките јами како индивидуална мерка што жителите на подрачјата со прогласена епидемија на западнонилска трека можат да ја преземат. Во моментов во земјава нема таблета со која можат да го направат тоа, но министерот за здравство, Сашо Клековски, вели дека во следниот период ќе работат на тоа да се донесе и кај нас.

„Една од работите што недостасува, што ја лоциравме во моментот и што ја нема во земјата, се таблети со бацили за дезинфекција на септички јами. Тоа го има во Грција, го идентификувавме, го нема во Македонија и претпоставувам дека ќе работиме на тоа тие да бидат достапни кај нас за сите граѓани да може да ги применат како индивидуална мерка на заштита, земајќи предвид дека многу приградски населени места во Скопје сѐ уште се без градска канализација“ рече министерот Клековски.

Септичките јами министерот извести дека се утврдени како високоризични за ширење на западнонилскиот вирус заедно со застојаните води и мртви делови од реките. Посочи дека високоризични се каналите за наводнување во Скопско Поле, сите ископи за песок кои се наполнети со вода или мртви делови од реките. Серава е дел од проблемот во Радишани и во Бутел, каналите во Идризово, Стајковци, Сингелиќ и Гази Баба, главниот канал во Илинден на Скопско Поле, каналите во Драчево, каналите Батинци и Студеничани.

„ Лоциравме уште неколку видови на висок ризик што претходно не биле земени во предвид. Тоа се септичките јами. Значи, улиците и населените места со голем број на септички јами влегуваат во висок ризик. Гробишта, заради застоената вода во вазните и присуството на органски материјали во нив, и третата група се отпади за стари гуми или генерално старите гуми. Старите гуми и отпадите за стари гуми, ако не се соодветно чувани, се идеални престојувалишта за комарците. Нормално, ова е тоа што е видливо и тоа е веројатно помалиот дел. Многу поголемиот дел се невидливите работи или малите работи: расипани хидранти, саксии со цвеќе надвор што се чуваат, стари буриња со дождовница и така натаму. Значи, ризикот е застоена вода“ рече министерот Клековски.

Ги утврдиле ризичните подрачја за ширење на вирусот во Скопје заедно со градоначалниците на скопските општини, а критериум за ризичност биле застојани води и високо ниво на органска материја. Утврдиле 34 ризични подрачја, од кои 13 се високоризични. Високоризичните подрачја имаат приоритет за прскање против комарци и во некои веќе се работи, а потоа ќе се прска и во помалку ризичните подрачја.

„Драчево и каналите во Гази Баба веќе беа третирани, во тек се третмани и на други подрачја. Сите општини добија задача теренски да ја проверат состојбата. На пример, Езерото Треска, рекреативното Езеро Треска, ако нема вода не е ризик, меѓутоа ако има лагуни формирано е ризик, така што Општина Сарај презеде обврска да ја провери актуелната состојба на терен. Како се додаваат високоризичните места, тоа ќе се прави со геомапирање. Како се додаваат, ние ќе организираме прскање на истите места“, вели министерот Клековски.

Тој и денес повтори дека средствата што се користат за прскање против комарци се безбедни, проверени и се согласно препораките на Светската здравствена организација.

Завршува првиот круг на информирање преку СМС. Во комуникација со Центарот за јавно здравје ќе се одлучи дали ќе се прошири зоната на информирање, земајќи ги во предвид новите случаи во Центар и во Чаир.

Министерот Клековски најави дека на дневна база ќе почнат да известуваат за бројките за новозаразени. Вчерашната бројка од 38 потврдени случаи, денес се искачи на 43 лица со западнонилска треска. Првпат е потврден вирусот кај пациенти кои се жители на Чаир и на Центар, каде што не е прогласена епидемија, па имајќи го тоа превид Центарот за јавно здравје ќе одлучи дали да се продолжи со известувања преку СМС пораки за мерките за лична заштита на лицата над 60 години, оти првиот круг на информирање преку СМС, министерот рече дека завршил.

Текстот Во земјава нема таблета за дезинфекција на септичките јами, мапирани како високоризични за ширење на западнонилскиот вирус е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top