Министерството за внатрешни работи соопшти дека во координација со јавното обвинителство интензивно работи на расчистување на случајот и утврдување на причините за вчерашната сообраќајна несреќа во близина на Владата.
„За несреќата се известени дежурен јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и преземени сите неопходни мерки за расчистување на случајот: алкотестирање, обезбеден видео запис од безбедносните камери, изјави од сведоци итн. Во најбрз можен рок случајот ќе биде расчистен и јавноста ќе биде соодветно известена“, велат од МВР.
Во несреќата полесно повредени беа две лица, а во едно од возилата биле министрите Фатмир Бесими и Крешник Бектеши.
Според информациите од МВР, несреќата се случила околу 19:15 часот на крстосницата од булеварите Илинден и Св.Климент Охридски, а во неа учествувале автомобил „шкода“, управуван од Ј.Б.(38) од Скопје, автомобил „фиат“, управуван од Д.П.(45) од Скопје и автомобил „киа“, управуван од А.Т.(36) од Скопје.
Во незгодата со повреди се здобиле Ј.Б. и сопатникот од патничкото возило „шкода“, Б.Љ.(35), констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Министрите го потврдија синоќа учеството во несреќата, информирајќи дека нема потешко повредени лица.
„Покрај материјална штета на возилата, за среќа, нема потешко повредени лица. Дел од учесниците се здобија само си полесни повреди“, напиша Бесими на социјалните мрежи пожелувајќи им на повредените поскоро заздравување.