Од страна на одделот за криминалстичка полиција вчера во попладневните часови на подрачјето на Чаир, бил лишен од слобода А.Ќ. (31) од скопското село Љуботен поради сомнение за сторено кривично дело даночно затајување.
Како што информираат од МВР, во заедничка акција со Царинската управа за недозволено производство и продажба на режан тутун на подрачјето на Скопје, при извршена контрола на автомобил „ауди А4 караван“, со скопски регистарски ознаки, управуван од А.Ќ. и при претрес во неговата куќа во Љуботен, биле пронајдени 750 пакувања со режан тутун, со вкупна тежина од околу 224 килограми, како и 865 килограми тутун во лист, машина за производство на режан тутун, поголема количина на амбалажа за пакување тутун со различни натписи, ваги, опрема и картонски кутии.
Пронајдените предмети биле одземени и предадени на вештачење, а по документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.