Во Ресен доделени седум договори преку ИПАРД програмата за набавка на земјоделска механизација

пред 3 години

Министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа, заедно со директорот на Агенцијата на финансиска поддршка во земјоделството, Никица Бачовски, и градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, денеска во Големата сала на општината, свечено доделија седум договори за набавка на приклучна земјоделска механизација.

Како што информираат од ресороното министерство, средствата се обезбедени преку ИПАРД програмата.

Вредноста на набавката изнесува 65.000 евра прифатливи трошоци за инвестиции за набавка на атомизери, косачка, ножици за режење, фрези, платформи со хидраулично подигање, тањирачи, приколки со агробар, еко боксови за скалдирање на овошје, електричен стакер и друга механизација која на земјоделците ќе им го олесни и ќе го осовремени производството.

За сите седум договори вредноста на кофиннсирањето од ИПАРД фондот, изнесува 70 отсто од прифатливите трошоци.

„Земјоделското производство е повеќе од само професија. Тоа е начин на живот, најчесто на целото семејство. Токму затоа, ценејќи го вашиот труд и вреднувајќи го вашиот ангажман во производството на храна, државата прави напори да ви помогне во производството, за вие да имате поголема и сигурна заработка. Тоа најдобро се прави со модернизирање на производството, со што ќе ви се олесни работата, а ќе имате повисоки и поквалитетни приноси од земјоделските култури“, изјави Хоџа на настанот.

Министерот им честиташе на земјоделците и им посака успех.

Тој истакна дека ваквите примери треба да послужат како мотивација за други земјоделци и агробизнисмени да аплицираат и да ги користат средствата од ИПАРД.

„Ваквите примери на инвестиции во земјоделското производство се најдобриот показател дека европските фондови се достижни за секого и за секоја идеја за развој“, посочи Хоџа.

Share
Scroll to Top