Во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ денес и утре во Скопје се одржува меѓународен студентски симпозиум посветен на предизвиците во новиот свет на дигиталната ера. Студенти од Македонија и повеќе други земји презентираат свои трудови и дебатираат за најновите трендови во технолошкиот развој, а собирот го отвори министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која посочи дека вакви настани ја потврдуваат посветеноста на академската заедница кон развој на знаењето и критичката мисла – две вредности без кои нема напредок ниту одговорен однос кон иднината.
„Јасно е дека современата технологија, а особено вештачката интелигенција во поново време е неразделен дел од секојдневието и сите професии. Создава нови можности за напредок, но истовремено поставува и низа прашања на кои мораме одговорно да пристапиме, а одговорност најмногу се очекува од младите, затоа што се најголеми носители на дигиталното знаење, но и оние кои први ги забележуваат неговите ограничувања“, рече Јаневска.
Министерството за образование и наука, велат од таму, активно работи на создавање услови што ќе овозможат младите да стекнат релевантни дигитални компетенции и практични вештини. Преку модернизација на наставните програми, опремување на образовните установи со современа технологија, поддршка на истражувањата и поттикнување на иновациите, како што рече министерката, се стремиме да создадеме образовен систем кој ќе одговори на потребите на новото време.
“Покрај техничките знаења, сакаме да го поттикнеме и критичкото размислување, креативноста и етичката свест кај младите луѓе, затоа што тие се основа на вистинскиот напредок“, додаде Јаневска, посочувајќи дека истражувањата, идеите и препораките што ќе произлезат од симпозиумот ќе бидат вреден придонес кон заедничките напори за изградба на подобар дигитален свет во кој технологијата ќе служи на човекот, а не обратно.
Текстот Во Скопје се одржува меѓународен студентски симпозиум посветен на предизвиците во новиот свет на дигиталната ера е превземен од МАКФАКС.






