Гаши – Ибрахимовиќ: Северна Македонија и Црна Гора негуваат братски односи и заеднички стремеж кон ЕУ

Гаши – Ибрахимовиќ: Северна Македонија и Црна Гора негуваат братски односи и заеднички стремеж кон ЕУ

пред 1 ден

Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Ервин Ибрахимовиќ, потпретседател на Владата на Црна Гора за меѓународни односи и министер за надворешни работи, кој престојува во посета на Република Северна Македонија.

На средбата присуствуваа и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, и пратениците Мерита Колачи Коџаџику, Илир Демири и Оливер Спасовски.

Процесите за интеграција во Европската Унија на двете земји, како и на регионот во целина, беа во фокусот на разговорите меѓу двете делегации. Притоа беше истакнато дека пристапувањето кон ЕУ е гаранција за долгорочна стабилност и просперитет на земјите од Западен Балкан. И дека секој чекор напред во овој правец, на која било држава, е успех за целиот регион и е од голема важност и за самата Унија.

Во тој контекст, беше нагласено и дека Северна Македонија и Црна Гора се пример за мултиетничка и мултиверска соработка, како доказ за прифаќање и споделување на европските вредности.

На средбата, беше посочено и сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, како уште еден пример за придонес кон регионалната и глобална стабилност и демократските процеси.

Во однос на билатералната соработка, беше истакнато дека Северна Македонија и Црна Гора традиционално негуваат братски и пријателски односи, со тенденција за постојано унапредување на соработката на повеќе нивоа.

Посебно беше истакната добрата соработка меѓу парламентите на двете земји, како уште еден од клучните фактори во процесот на евроинтеграција. Притоа беше посочено дека постојано е отворен простор за понатамошно продлабочување и унапредување на соработката, како на ниво на парламенти, така и во други области, како што се сообраќајната инфраструктура и туризмот.

Текстот Гаши – Ибрахимовиќ: Северна Македонија и Црна Гора негуваат братски односи и заеднички стремеж кон ЕУ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top