Георгиевска: Економијата е стабилна и подготвена да се справи со предизвиците од енергетската криза

пред 2 години

Македонската економија е стабилна, подготвена да се справи со предизвиците од енергетската криза, следува засилен раст на БДП во 2022 година. Ова го изјави Марија Георгиевска, пратеничка на СДСМ.

Таа уверува дека Владата и надлежните институции преземаат мерки за справување со последиците од енергетската криза.

„За да се заштити стандардот на граѓаните од зголемувањето на цената на електричната енергија во Буџетот се обезбедени средства за помош на ранливите категории граѓани. 60 милиони денари се предвидени за финансиска помош на околу 7.500 семејства кои во текот на целата година ќе добиваат помеѓу 600 и 800 денари за субвенционирање на сметките за електрична енергија. Покрај оваа мерка, ќе следуваат и други мерки за помош на граѓаните и стопанството. Токму за таа цел во Буџетот за оваа година предвидени се 130 милиони евра за справување со енергетската криза, а од нив околу 90 милиони евра се за директни антикризни мерки кои ќе се реализираат во текот на годината. Македонската економија е стабилна и ликвидна и има капацитет да се справи со сите предизвици што со себе ги носи енергетската, но и здравствената криза“, рече Георгиевска.

Како што додаде, изминатата година приходите се зголемени со раст на ниво на реализација од 15,3 проценти, што значи повеќе пари за граѓаните. Растот на економијата во 2021 година е над 4 проценти, вели Георгиева, што значи дека економските мерки што ги реализирала Владата предводена од СДСМ дале резултат.

Пратеничката верува дека оваа година ќе биде година на економски раст. Растот на економијата е проектиран на 4,6 отсто, додека растот на капиталните инвестиции ќе биде повисок за 27 отсто во однос на претходната година. Најави дека паралелно продолжуваат инвестициите во енергетиката, во обновливи извори на енергија што на среден рок ќе значи драстично намалување на увозот на скапа електрична енергија.

Share
Scroll to Top