Советниците за Град Скопје од ЛДП и ДОМ го поддржаа предлогот Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ да биде избран за претседател на Совет на град Скопје.
Теодора Крстевска, советничка од ДОМ во Град Скопје вели дека во интерес на конструктивната работа на советот, и поради фактот што професорот Славевски е докажан професионалец и човек со интегритет одлучиле да го поддржат. Како независен советник од опозицијата очекуваат дека ќе го води советот доблесно и чесно, вклучувајќи ги сите советници, независно дали се мнозинство или опозиција, а одлуките без исклучок ќе ги носи во интерес на граѓаните.
„Зад нас како движење Одлучно за промени, стојат гласовите на 10.000 скопјани кои веруваат и ја поддржуваат зелената политика, социјалната правда, и еднаквост, правото на еднакви можности, но уште повеќе желбата за квалитетен живот и чиста животна средина. Токму затоа, ќе се борам и очекувам програмата на зелената партија ДОМ да биде вклучена во идниот буџет на Град Скопје“, истакна советничката Крстевска.
Од ЛДП и ДОМ очекуваат претседателот на советот, но и градоначалничката да ги повика сите советници независно дали се дел од мнозинството или опозицијата и независните советници од опозицијата, на координација, кога ќе се разгледува програмата и буџетот на Градот.
„Очекуваме од Советот и Градоначалничката, во идните буџети и програми за работа да се земат во предвид и иницијативите, проектите и предлозите кои доаѓаат, покрај од советниците од советничкото мнозинство и од опозиционите советници кои добиле доверба да влезат во Советот на Градот Скопје. Од новиот претседател на Советот очекуваме истиот да го води во согласност со Законите, Деловниот и Статутот и да биде претседател кој ќе ги застапува сите советници. Очекуваме и отворен и транспарентен Совет и пренесување на седниците во живо“, истакнаа од Либерално-демократската партија.
ЛДП им упати порака до советниците на Левица, доколку не е информиран Президиумот на нивната партија, тие го прифатија укажувањето на Министерството и ги потпишаа изјавите согласно Уставот и законите во државата и дадоа заклетва дека ќе го штитат уставниот поредок на Република Северна Македонија и на тоа остро реагираат „Сега или искарајте ги или искучете ги, ако сте принципиелни!“