Град Скопје: Започнува еколошки проект во Скопје вреден 136 милиони евра

пред 2 години

Град Скопје и ЈП Водовод и канализација годинава започнуваат со реализација на проектот за изградба на Пречистителна станица за третман на отпадни води – Скопје, како најголем еколошки проект за Скопје и скопјани, проект во вредност од 136 милиони евра. Со проектот ќе се прочистат 90% од водите во градот, информираат од оваа институција.

Денеска во просториите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, се отворија тендерските понуди за дизајн и изградба на оваа пречистителна станица на која присуствуваа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, директорот на ЈП Водовод и канализација, Златко Перински и претставници на Европската Делегација, Европската Банка за Обнова и Развој, Европската Инвестициона Банка и Инвестиционата рамка за Западен Балкан (WBIF) – ИФИ Канцеларијата за координација (IFICO).

Градоначалничката Арсовска истакна дека изградбата на оваа пречистителна станица е најголем еколошко-капитален проект за Скопје и скопјани, додавајќи дека на овој начин конечно ќе се овозможи третман на урбаните отпадни води согласно ЕУ стандардите.

„Со изградба на оваа пречистителната станица за третман на отпадни води, Скопје конечно има можност да се развива во еколошка метропола која се грижи за животната средина и се грижи за скопјани. Ако до сега отпадните води одеа директно во Вардар, притоа свесно загадувајќи ја животната средина и јавното здравје, сега конечно ќе имаме можност активно да делуваме, да ги менуваме работите и да ставиме крај на загадувањето на реката Вардар, на градот, но пред се, дa обезбедиме подобра вода за пиење на населението и да го подобриме квалитетот на живот на скопјани“, рече Арсовска.

На настанот се обрати и претставникот на Европската Инвестициона Банка (ЕИБ), Алесандро Брагонзи кој истакна дека овој проект е од огромно значење за жителите и за градот Скопје. Брагонзи посочи дека од голема важност е што проектот се одвива непречено и со одлично темпо и додаде дека со финализација на овој проект ќе се реши проблемот со отпадните води, ќе се зачува животната средина и граѓаните на Скопје ќе имаат почиста вода.

Директорот на ЈП Водовод и канализација, Златко Перински во своето обраќање ги презентираше постапките на реализација на овој значаен еколошко-капитален проект, осврнувајќи се на важноста на изградбата на пречистителната станица, за која вели дека не само Скопје, туку и градот ќе има над 90% прочистени води.

Пречистителната станица за отпадни води – Скопје ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево и ќе биде со капацитет од еквивалент 500.000 жители.

Share
Scroll to Top