Поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, на социјалните мрежи објави став во кој вели во Македонија владее талибанско правосудство.
„Заев ќе прифаќа бегалци од Авганистан за да се спасат од талибанците и талибанскиот суд, а создаде талибанско правосудство во Македонија кое целосно го контролира за случаите кои му се важни и кое обвинува и осудува по негова нарачка“, смета Груевски и додава дека кај талибаците е доволно да те осудат затоа што си бил нивни противник, што според него, не е ништо поразлично и во Македонија по доаѓањето на Заев и СДСМ на власт.
„Не им требаат ни реални докази, ни реални сведоци, ни сторено кривично дело. Откако ќе падне наредбата, сѐ се фабрикува, потоа сите се прават глуви и слепи, секој во системот гледа да не настрада и се тече по издадената наредба“, посочува поранешниот премиер со политички азил во Унгарија.
Потоа тој како примери за своите трврдења ги наведува предметите за 27 април, „Тенк“, протестите во Центар и Сеад Кочан.
„Елементарни докази нема, ниту пак може да има за оној случај кој неодамна го започнаа каде ме обвинуваат дека сум купил и продал земја и дека сум купил два помали станови, кои всушност ги изнајмував, а за што имам и склучен договор за закуп. Ниту сум купил и платил, ниту сум продал нешто од ова, но судење пред изборите мора да има, а ќе се потрудат од септември да биде на неколку дена за да биде алатка во изборниот процес за локалните избори“, смета Груевски.
Тој тврди дека целосно противзаконски е започната судска процедура за предмет во кој ниту тој, ниту, како што вели, било кој од обвинетите немаат сторено никакво кривично дело.
„Се работи за предмет кој планираат да го завршат со 2-3 силно уценети сведоци од нивна страна, без ниту еден материјален доказ дека нешто сум купил, платил, продал и наплатил или дека од некаде сум прибавил пари за такво нешто, ниту пак реално можат да го имаат бидејќи такво нешто не постои“, нагласува Груевски според кого во ваков случај само по себе се наметнува прашањето што е разликата од македонското до талибанското правосудство.
„Во Авганистан по 20 години дојдоа на власт талибаците и нивните судови кои судат по нивни правила и нарачки. Во Македонија петта година имаме талибаско правосудство под контрола на Зоран Заев во кое неподобните судии се разрешуваат со образложение дека се прави некаков ветинг. И премиер и министри и лажни и уценети сведоци, кој мислат дека вечно ќе биде вака како што е сега. Дека ние ќе бидеме толку многу години осудени и уништени, што тие вечно ќе се мирни, спокојни и среќни“, наведува во објавата побегнатиот поранешен премиер.