Поранешниот македонски премиер, Никола Груевски, регистрирал фирма со широка деловна активност во гратче во близина на Будимпешта, три години по бегството од Македонија.
Информацијата ја објави и унгарскиот портал „24“, при што се наведува дека фирмата со широка деловна активност била регистрирана во гратчето Пецел на 15 јули.
Експремиерот е наведен како сопственик и директор на Друштвото со ограничена одговорност И.Ц.И.Ц (I.C.I.C.). сместено во куќа на улицата Бошкаи број 9 во Пецел.
Според документите објавени во унгарскиот Централен регистар на фирми, лицето Никола Груевски, роден на 31 август 1970 година од мајка Надежда Мијалкова, побарал и добил одобрение да почне бизнис.
Од увидот во документите до кои дошла редакцијата на Дојче веле, може да се прочита дека Друштвото со ограничена одговорност на Груевски планира широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори.
Така, фирмата на експремиерот ќе може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење, трговија на големо со храна, пијалоци и тутун, како и со други разновидни стоки. Груевски планира да биде активен и во сферата на управување со имоти (холдинг), во бизнис менаџмент, а ќе има можност да си ги проба вештините и во комуникациите со јавност, рекламирањето, во истражувања на пазари и испитување на јавно мислење, како и во организација на конференции и трговски изложби. Регистрацијата на фирмата со сите овие трговски можности го чинела поранешниот премиер 8.350 евра.
Груевски одлучил да не приложи лична адреса во Унгарија, туку ја навел адресата на неговиот адвокат во Будимпешта, а како втора адреса за комуникација е наведена онаа во Скопје, на улицата Павел Шатев број 3 во Кисела Вода.