Данела Арсовска се кандидира за градоначалничка на Скопје

пред 3 години

Актуелната претседателка на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, ја објави својата кандидатура за градоначалничка на Скопје, како независен кандидат.

„Драги Скопјани, мои сограѓани, би сакала со Вас јавно да споделам и официјално ја објавам својата кандидатура како независен кандидат за градоначалник на Град Скопје и ја барам поддршката од сите Вас чесни луѓе кои сакаат промени. Време е да делуваме различно од досега, а времето не чека никого. Доаѓа крајот на политички агенди и лажни ветувања. Политички калкуланти, лаги и корупција континуирано ни ги одземаат шансите за нормален живот. Заткулисни игри предолго го окупираат градот и неговото функционирање, а незадоволството кај граѓаните континуирано се зголемува“, напиша Арсовска на „Фејсбук“.

Во промотивното видео наведува дека е време да се одбере – празни ветувања, нереализирани проекти или вредни, способни и исполнителни личности кои нема да потпаднат под политички притисоци и нема да се откажат од својата визија.

„Како изградена личност и жена која со труд и посветеност успеала во личните и професионални предизвици, Ве повикувам заедно да се посветиме Скопје да прерасне во современа и Европска метропола“, вели Арсовска.

Share
Scroll to Top