Да го урнеме  системот на бандитизам  од политички и бизнис структури  кои функционираат во широки коалиции, порача Мицкоски

Да го урнеме системот на бандитизам од политички и бизнис структури кои функционираат во широки коалиции, порача Мицкоски

пред 20 часа

Измина една цела година, на предизвици, на тешка, посветена и макотрпна работа. Во секој еден ден од овие изминати 365 дена, не заборавивме во ниту еден момент од каде доаѓаме, и со каква чест располагаме, и каква одговорност имаме да не ги разочараме македонските граѓани, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето по повод една година од работата на Владата.

„По години на празни ветувања и перманентна политичка криза во државата, разочарувања и уништени ветувања, не започнавме од нула, почнавме од минус – од рушевини, кои ги оставија зад себе. Наследивме систем што се кршеше и паѓаше, институции што изгубија доверба, луѓе што изгубија верба. Но, не се предадовме. Не го оставивме својот дом во рацете на минатото“, порача тој.

Во оваа тешка година, како што оцени, зад нив се резултати кои според него се јасен показател на солидна основа.

„Реализиравме или отпочнавме над 250 поголеми проекти. И она што денес сакам да го соопштам е дека за повеќе од 3 пати ќе се зголеми бројот на проекти за следната година. Веќе вклучуваме во 5та па 6та брзина. И очекувам максималната посветеност во исполнување на програмата, очекувам преку 400 проекти мерки чекори реформи во наредниот период кои ќе бидат насочени на развој и раст, подобар стандард, поквалитетно образование, борба против корупција, инвестиции и реформи во здравството, големи проекти во инфраструктурата, реформи во даночната политика и справувањето со инфлациски и предизвици на животниот стандард, проекти за млади, проекти за земјоделци, проекти за работници, проекти за купување на нов дом, возила, проекти кое ќе го донесат времето за кое сите се надеваме и длабоки промени кои ги заслужуваме“.

Првпат по седум години, како што кажа Мицкоски во обраќањето, намален е јавниот долг, заклучно со март 2025 година за 4,7 процентни поени во однос на БДП.

Платите, според него растат а обезбедени се и повисоки плати во администрацијата, здравството, образованието, полицијата.

„Буџетскиот дефицит го намаливме на 4% од БДП и одиме надолу, целта е да бидеме под 3%.
Целосно ја отплативме Еврообврзницата издадена во 2018 година, во износ од 500 милиони евра. Во инфраструктурата обезбедивме највисок процент на изградба на патишта од осамостојувањето до денес. Интензивно се гради и во завршна фаза е автопатот Кичево-Охрид (делница Врбјани Охрид) во должина од 40 километри и веќе пуштањето е закажано на 12 јули. Во тек е набавка на 120 нови и модерни автобуси. Притоа се бориме за секое ново отворено работно место. Нашата цел е и ставање ред во здравството и ефикасни услуги достапни за граѓаните“.

Образованието како што нагласи, треба да биде најсилното оружје за раст и обезбедување на иднина.

„Во оваа една година отворивме силна борба против криминалот. Се започнаа акции против оние кои порано се сметаа за недопирливи. Денес тие неславни корифеи на неправдата се бегство од законот, а силно се удри и по нарко бандите особено во Скопје. Онаму каде сметам дека може подобро е борбата за независно судството и обвинителство кое сега го немаме.

Не сум задоволен од динамиката на испорачување на правдата од страна на обвинителите и судиите и постојат очигледни спреги меѓу тој свет и светот на политичката бизнис мафија која го конструирала тој систем против кој сакаме да се бориме и ако ме прашате мене јас очекувам одговорност и народот очекува одговорност и тоа мора да биде прва работа која ќе не води, да донесеме правда и да го урнеме тој систем на бандитизам создаден од политички и бизнис структури за кои нема ни етнички и политички разлики туку функционираат во широки коалиции. Тоа ќе биде нашиот најголем предизвик во периодот кој следи и од таа динамика ќе зависат многу следни политички случувања во државата“, нагласи Мицкоски.

Навраќајќи се на трагедијата во Кочани, Мицкоски кажа дека таа несреќа е резултат, на, со години руинираниот систем „кој беше уништуван и дезавуиран“.

„И како политички фактор од првиот ден испративме реална порака дека правда мора да има и без оглед за кого се работи мора да биде одговорност. И денес стојам на истиот став а обвинителството е на тест да докаже вистина и судот да спроведе правда. Но исто така сакам да соопштам дека работиме како Влада да обезбедување историски највисок инвестициски пакет за обнова и поддршка на Кочани.

Работиме на тоа да покажеме дека Кочани за нас е важно и дека граѓаните не се сами.

Воедно сакам да се осврнам и на оние кои велат дека Македонија била понижена. Тоа се истите оние коишто сменија име, направија договор со Бугарија, кои ја пљачкаа и се потпишуваа на било што и било сешто им беше поставено на маса. Нема никогаш повеќе да дозволам да биде понижена, зошто тоа време заврши.

Ние не сме политичари што зборуваат од високо. Ние сме луѓе што живеат тука со вас, што чувствуваат ист страв и иста надеж. Затоа со труд и лојалност кон вас, ги градиме темелите на промените“, порача Мицкоски.

Текстот Да го урнеме системот на бандитизам од политички и бизнис структури кои функционираат во широки коалиции, порача Мицкоски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top