Да не се бараат сертификати при излез од земјата, бремените жени да се вратат на работа

пред 3 години

Комисијата за заразни болести бара да се укинат две мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.

Првата е да не се бара сертификат за прележаност, за примена вакцина или ковид-тест при излез од Македонија. Втората е бремените жени да се вратат на работа односно тие повеќе нема да бидат ослободени.

Сепак, на сила остануваат мерките кои се однесуваат на барањето на сертификати при влез во трговски центри, кафетерии, затворени простории.

„За укинување на генералните препораки или мерки, Комисијата остана на ставот дека вакцинацијата во државата е 41 процент, зборуваме за две примени дози, тоа е премногу низок опфат на вакцинација за да се укинат мерките кои спречуваат трансмисија на вирусот. Се уште се наоѓаме во широка трансмисија на вирусот на локално ниво, па така укинувањето на мерките вклучувајќи ги сертификатите, може да ја влоши состојбата и да ги преполни болниците и амбулантите“, кажа Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата.

Според Мехмедовиќ, враќањето на бремените жени на работа и препораката за вакцинација, е со цел да се заштити нивното здравје.

„Препораката е бремените земји да се вакцинираат и така да го заштитат своето здравје. Досега мерката беше да се ослободат од работа, а препораките од светот е да се вакцинираат. Тоа е за унапредување на здравјето на бремените жени“, рече тој.

Посочи дека граѓаните кои ја напуштаат Македонија ќе треба да имаат негативен ПЦР или потврда за вакцинација, само доколку земјата во која влегуваат тоа го бара.

Во претходната недела, се бележи помал број на заразени од коронавирус, но и пад на бројот на починати за 28 проценти.

Share
Scroll to Top