Делегација од збратимениот град Истанбул, Турција, која е во дводневна работна посета на Скопје, денеска оствари средба со секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски и претставници од секторите во градската управа.
Како што информираат градските власти, на средбата се дискутирало за работата на Градот Скопје и на институциите што се во негова надлежност, како и за најактуелните планови и проекти за подобрување на сообраќајните врски, енергетската ефикасност и дигитализацијата на градот.
„На состанокот се разговараше и за можноста за подобрување на соработката меѓу двата града и нивните институции, преку размена на искуства за подобрување на услугите за граѓаните, можноста за заедничко учество во меѓународни проекти, потребни проекти за подобро извршување на активностите на јавните претпријатија, но и продлабочување на соработката помеѓу градот Истанбул и Скопје“, се наведува во соопштението за средбата.
Посетата на делегацијата на Истанбул е на иницијатива на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу и се реализира во рамките на активностите на Мрежата на градови од Балканот – Б40 (B40 Balkan cities network).