Денеска се очекува нова средба Заев-Мицкоски

пред 3 години

Според последните најави, лидерите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, денеска треба да се сретнат во Клубот на пратеници.

Средбата е резулатат на поканата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на неа се очекува да се разговара за сите отворени прашања, како што се кризата со пандемијата, работата на Парламентот, пописот, економијата, евроинтеграциите, изборите.

Заев во петокот изјави дека верува оти по средбата со Мицкоски ќе соопштат дека е најдено решение меѓу големите политички субјекти за Изборниот законик и воведувањето на отисок на прстот или фингерпринтот на следните избори, а најави и можен договор за вакцинирање на попишувачите.

„Имаме многу што да разговараме, но секако најважно е да седнеме низ дијалог да изнаоѓаме решенија, затоа што постоиме да им служиме на граѓаните“, порача Заев.

Мицкоски пак најави дека ќе се зборува за теми кои се од животно значење.

Запрашан дали и другите лидери на политички партии ќе бидат повикани, Мицкоски одговори дека зборува за тет-а-тет средба помеѓу двајца лидери од двете најголеми политички партии односно партии кои имаат најголем број пратеници во парламентот.

„Се надевам дека нема да бидам погрешно сфатен од страна на останатите политички лидери, бидејќи целта ми е искрена. Целта ми е да постигнеме конценсуз меѓу двете најголеми политички партии“, рече Мицкоски.

Share
Scroll to Top