„Денови на македонска музика “ со оркестарот на Филхармонија

пред 3 години

Овој четврток, во 20 часот ќе се одржи концерт во рамки на програмата на фестивалот „Денови на македонска музика“. Диригент е Борјан Цанев, а како солисти ќе настапат Билјана Камчева-флејта, Лазар Соколов- кларинет, Огненка Герасимовска-Димитровска – пијано и Горан Начевски – баритон.

На програмата се Концертот за флејта, кларинет и оркестар од Љубомир Бранѓолица кој ќе доживее премиерна изведба, Концертот за пијано и оркестар од Властимир Николовски и Симфонијата „Убави денови“ од Живоин Глишиќ.

Љубомир Бранѓолица (1932) е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век.

Творештвото на Властимир Николовски (1925-2001) е исклучително богато и разновидно. Опфаќа над 140 музички композиции од речиси сите видови и жанрови на класичната музика, како и голем број публицистички трудови во кои обработува различни прашања од музичката уметност.

Живоин Глишиќ (1954) образованието го завршува во Скопје. „Убави денови“ е прва симфонија во неговиот композиторски опус. Напишана е во 2021 година, а се изведе истата година на прославата на 30 годишнината од независноста на државата во изведба на оркестарот на Македонската филхармонија.

Добитникот на македонското признание Виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство.

Share
Scroll to Top