Димитриевски: Вработените не се преместени на пониски работни позиции, нема притисоци и закани кон никого

пред 3 години

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски соопшти дека ги демантира обвинувањата кои денеска на прес-конференција ги изнесе претседателот на СДСМ Куманово, Мартин Костовски, за спроведен класичен политички реваншизам во општината од страна на Димитриевски кон вработените кои се членови на СДСМ – преку уцени, заплашувања, закани, притисоци и деградирања.

„ Не е точна изнесената информација дека во Општина Куманово се преместени дваесетина службеници на пониски работни позиции, или како е кажано – деградирани, а уште помалку дека некој на вработените им вршел притисок. Не се точни ниту тврдењата во однос на бројот на доставени решенија. Станува збор за девет решенија, а овој процес на реорганизација на општинската администрација што е целосно согласно законот, која ќе продолжи и во иднина, сѐ со цел максимално да се подобри работата на институцијата, која претставува сервис на граѓаните“ наведува Димитриевски.

Тој ги повика сите службеници доколку некој им вршел партиски или каков било друг вид на притисок, веднаш да го пријават до државните органи.

„ Доставените неколку решенија од моја страна, се резултат на тековно функционирање на институцијата и целосно почитување на заклучоците на
ревизорскиот извештај од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во кој јасно е укажано дека е потребно да се повлечат Овластувањата дадени на лица, кои што работат на други работни места, а не согласно Решенијата кои ги имаат добиено за работа, врз основа на актот за систематизација. Тековното работење е во правец на подобрување на самата организација и работата на општинската администрација, што во изминатиот период се покажа како нужно“ додава тој.

Како што посочува, ниту еден административен службеник не е деградиран, туку напротив, се прави прераспределба по хоризонтала, што е целосно согласно Законот за административните службеници, а е со цел да се реализираат дури и спроведените унапредувања на службеници, а не уназадувања.

„ Унапредувањето на службениците се врши по строго регулирана законска постапка во која сами службеници конкурираат за тие работни места. Со доставените решенија се поставуваат вработените во организациони единици каде претходно е констатирано дека има потреба од стручен и соодветен кадар и напротив, изнесените шпекулации и невистини, на вработените им е укажана и дополнителна доверба, дека ќе го подобрат функционирањето на администрцијата токму во тие сектори во кои се назначени“ наведе Димитриевски.

Share
Scroll to Top