Димитровски: Нашето брзо членство во ЕУ е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа

Димитровски: Нашето брзо членство во ЕУ е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа

пред 4 часа

Замени-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на состанокот на партнерската комисија на САД – Јадранската повелба (А5), што се одржа во Мостар, БиХ.

Министерскиот состанок, со кој се заокружи претседавањето на Босна и Херцеговина со САД – Јадранската повелба, собра претставници од земјите членки – Хрватска, Црна Гора, Албанија и САД, како и земјите набљудувачи од регионот – Србија, Косово и Словенија.

Состанокот беше искористен за размена на мислења во однос на актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, како и за разгледување на можностите за понатамошно интензивирање на комуникацијата, координацијата и практичната соработка во справувањето со заедничките кризи и ризици. Посебен акцент беше ставен на досегашните постигнувања во рамките на А5 и перспективите на Јадранската повелба како значајна регионална платформа за градење стабилност, соработка и отпорност.

Дискусиите се фокусираа на современите хибридни закани, сајбер-ризиците, дезинформациските кампањи и последиците од природните непогоди. Учесниците ја нагласија потребата од координиран, конзистентен и засилен пристап, засилено партнерство, редовна размена на информации и развивање усогласени механизми за брза реакција.

Заменик-министерот Димитровски ја реафирмира силната посветеност на Република Северна Македонија кон зајакнување на улогата и релевантноста на САД – Јадранската повелба како уникатна регионална платформа, која придонесува за унапредување на стабилноста, безбедноста и евро-атлантската ориентација на земјите од Западен Балкан.

„Нашата силна посветеност кон САД – Јадранската повелба останува непроменета. Нашето брзо членство во Европската Унија, како и членството на сите земји од регионот, е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа”, истакна Димитровски.

Во својата дискусија тој ја истакна и стратешката важност на унапредување на евро-атлантските процеси како алатка за зголемена отпорност и намалување на дестабилизирачките влијанија врз регионот.

Земјите членки на крајот од состанокот ја изразија поддршката за претстојното преземање на претседавањето во 2026 година од страна на Република Хрватска.

Текстот Димитровски: Нашето брзо членство во ЕУ е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top