Димитров-Бомгартнер: Ако ЕУ е заедница на вредности, тогаш сите да ги почитуваат тие вредности

пред 4 години

Северна Македонија ќе продолжи да работи на европската агенда и ќе продолжи да бара почитување на своето право на самоопределување истакна заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања Никола Димитров, на денешната прва официјална средба со новиот амбасадор на Франција, Сирил Бомгартнер. Димитров нагласи дека изминативе години Северна Македонија цврсто ја демонстрираше својата посветеност кон остварување на стратешката цел за членство во Унијата, преземајќи храбри чекори за надминување на билатералните прашања со соседите и спроведување на суштински реформи во земјата, пред се’ во областа на владеење на правото и појасни дека почетокот на преговорите е логичен чекор што треба да обезбеди поголем фокус и континуитет на реформите.

„Силно сме убедени во француската поддршка, ако се има предвид дека новата методологија, усвоена токму на иницијатива на Париз, предупредува сите да се воздржат од злоупотреби на нерешени прашања во пристапниот процес. Ако ЕУ е заедница на вредности, тогаш сите треба да се заложат тие вредности и да се почитуваат. Имаме историска можност, годината која што е исполнета со многу предизвици да ја заокружиме со споделен успех“ порача Димитров.

На средбата беше потенцирано дека Владата ќе продолжи да ги спроведува реформите бидејќи, како што порача Димитров, независно од предизвиците, ние нема да се откажеме од целта за суштинска европеизација на општеството и подобрување на условите за живот на сите граѓани.

Посакувајќи му успех на амбасадорот во извршувањето на новата функција, вицепремиерот Димитров истакна дека почетокот на неговиот мандат се совпаѓа со еден од најклучните периоди во историјата на земјата и изрази верување дека неговиот ангажман ќе придонесе за заедничкиот успех.

Share
Scroll to Top