Првиот ден од работната посета на Германија, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, го започна со средба со Мартин Шулц, актуелен претседател на Фондацијата Фридрих Еберт, инаку поранешен претседател на Европскиот парламент.
Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Димитров информирал за последните политички случувања во земјава, со акцент на европското портфолио, а се разговарало и за состојбите во регионот во контекст на евроинтеграциите.
„Северна Македонија докажа дека силно го застапува европскиот наратив на вредности и е стабилен партнер на европската сцена што придонесува за добросостојбата на регионот. Вложивме сериозен политички капитал врз основа на европското ветување, време е вниманието и енергијата да ги насочиме кон процесот на европеизација и исполнување на очекувањата на граѓаните.
Ако ЕУ конечно ја поддржи македонската приказна и огромниот влог на ова прашање што се пресликува во целиот регион, тогаш Унијата ќе покаже дека е сила што влече за добро“, посочил вицепремиерот.
Шулц ја нагласил важноста на Преспанскиот договор во контекст на одговорноста за обезбедување мир и стабилност на регионот и пошироко, заедно со, како што рекол, очигледниот демократски напредок што Северна Македонија го постигнала во последните години и приближувањето кон споделените вредности.
Според него, натамошното одложување на почетокот на пристапните преговори со ЕУ поради блокадата од Бугарија е непристојно и опасно за стабилноста на регионот и европската визија, при што посочил дека поддршката за ова прашање ќе биде и понатаму манифестирана преку активностите на Фондацијата и неговиот личен ангажман.
На овие теми се разговарало и во германското МНР на средбата со Сабине Штер, ополномоштеник за ЕУ политики и Сузане Шуц, директорка во министерството за надворешни работи на Германија за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, на кои вицепремиерот Димитров им ги пренел очекувањата Германија и понатаму да остане проактивна кон остварување на заеднички утврдената стратешка цел.
„Почетокот на пристапните преговори ќе претставува валидација на напредокот на Северна Македонија, постигнат со голема помош и поддршка од нашите германски пријатели кои принципиелно го застапуваат она што е вистински „европско“ во интегративниот процес.
Стартот на преговорите ќе го даде неопходниот поттик на реформскиот процес, а истовремено ќе го обнови импулсот за политиката на проширување на ЕУ“, нагласил вицепремиерот.