Димитров: Во некои реформи сме подобри дури и од земји кои веќе се во преговарачки процес

пред 3 години

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денес беше говорник на онлајн конференцијата посветена на актуелните прашања во процесот на европска интеграција на регионот, организирана од реномираниот Институт Европа при Универзитетот во Саарбрикен, Германија.

Димитров во своето обраќање пред европската академска заедница истакна дека патот на Северна Македонија кон ЕУ е особено специфичен и драстичен од аспект на времето, но и наметнатите предизвици, што го доведуваат во прашање влијанието на ЕУ кон регионот.

Вицепремиерот дополни дека Северна Македонија има постигнато значаен напредок во процесот на европеизација како клучен процес за пренесување на европските стандарди:

„Изгубивме многу време и енергија во претходните две децении поради спорот за името што го надминавме со Преспанскиот договор, инаку истакнат како триумф на дипломатијата од целиот демократски свет. Сите очекувавме дека овој успех конечно ќе ни овозможи да се фокусираме на реформскиот процес, така што нашите млади генерации ќе останат дома. Со оглед на моменталната состојба, сметам дека треба да се фокусираме токму на овој процес наместо на разочарувањето од еден до друг состанок на Советот на ЕУ. Пристапниот процес е најсилната алатка за трансформација на општеството и заеднички предизвик е овој процес да биде подинамичен и да испорача вистински резултати, бидејќи отпочнувањето на преговорите самото по себе не е гаранција дека земјата преку ноќ ќе стане европска. Северна Македонија има подобра подготвеност во првиот кластер ‘Темели’ споредено дури и со земјите кои се во преговарачки процес и нашата енергија треба да ја насочиме токму во оваа насока“, истакна Димитров.

На конференцијата учествуваа високи претставници од регионот, вклучително и заменик министерката за правда на Албанија, при што заедно со истакнатите членови на академската заедница во Германија, беше реафирмирана важноста на европската интеграција на регионот за што клучен момент е отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Share
Scroll to Top