Димитров на средба со грчкиот амбасадор: Нашата соработка продолжува и ќе се продлабочува во наредниот период

пред 4 години

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, денеска оствари прва работна средба со новиот амбасадор на Грција, Русос Кундурос.

Димитров изрази уверување дека досегашното професионално искуство на амбасадорот ќе придонесе за продлабочување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји.

„Потпишувањето на Преспанскиот договор овозможи зајакнување на меѓусебната соработка, но и сојузништво природно за две соседни земји, што се рефлектира преку поддршката што Грција и’ ја дава на Северна Македонија за нејзината и европската иднина на регионот“, посочи Димитров, нагласувајќи ја потребата од уште позасилена соработка како во контекст на евроинтеграциите, така и во областите кои ќе бидат од директна полза за граѓаните.

„Нашата соработка продолжува и ќе се продлабочува во наредниот период во рамки на Меморандумот за забрзување на интегративниот процес на Република Северна Македонија во Европската Унија, потпишан во април 2019 година, преку размена на искуство, експертиза и знаење во спроведувањето на европските политики“, додаде Димитров.

Соговорниците се согласија за важноста од продолжување и продлабочување на овој вид соработка меѓу двете земји во конкретните области на трговско право, енергетика и климатска акција преку учество на грчки експерти во националните институции, како и организација на онлајн семинари на теми поврзани со европската интеграција во рамки на инструментот ТАИЕКС.

Во продолжение на средбата соговорниците разговараа и за можното повторно активирање на Заедничкиот комитет за разгледување на други конкретни области, како и методи на соработка.

Share
Scroll to Top