Доделени нови решенија за легализација во Центар на социјални семејства

пред 3 години

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ подели 10 решенија за утврдување правен статус на бесправни објекти на 10 семејства кои живеат во социјален ризик и со години не можеле да ги легализираат сопствените домови поради претходните законски регулативи.

Во периодот од месец март 2011 до ноември оваа година, поднесени се вкупно 7.064 барања, согласно Законот за постапување за бесправно изградени објекти во сите четири предвидени рокови. Врз основа на доставените барања до Општина Центар, позитивно се решени 4.100 барања, додека, дел од останатите барања се одбиени поради некоплетно доставена документација во предвидениот законски рок, а дел се во постапка поради судски спорови или нерешени имотно-правни односи од страна на самите баратели за легализација на бесправните објекти.

„ Им честитам на граѓаните кои успешно ги завршија постапките за легализација на своите домови и конечно после долги години се стекнаа со правото на сопственост. Општина Центар останува отворена за центарци и партнер на граѓаните во решавање на нивните проблеми и заеднично креирање на општина по мерка на граѓаните“ – изјави градоначалникот.

Легализираните објекти се наоѓаат на повеќе локации на територијата на Општина Центар. Одобрените решенија за утврдување правен статус на бесправни објекти добија граѓани кои живеат во населбите: Кале, Маџир маало, Ново маало, Пролет и Дебар маало.

Поради пандемијата со КОВИД – 19 и почитување на новите превентивни мерки од страна на надлежните институции, одобрените решенија ќе бидат поделени етапно и во повеќе групи, поради безбедност на граѓаните од новонастаната ситуација со коронавирусот и зголемениот број на заразени лица.

Share
Scroll to Top