Министерството за здравство соопшти дека целокупната документација и наодите од извештаите на комисиите што вршеле надзор над работата на Стоматолошката комора се доставени до Јавното обвинителство за натамошно разгледување и постапување во согласност со законските надлежности.
До Обвинителството се испратени три извештаи за работата на комисијата за надзор над законитоста при вршење на јавното овластување на Комората, изготвени на 25 февруари, 15 мај и на 21 мај годинава. Дополнително, доставено е и известување од 11 март 2025 година до Стоматолошката комора, како и документација од Секторот за стоматолошка здравствена заштита.
Министерството потсетува дека, додека трае постапката и привремено се преземени надлежностите, докторите по стоматологија може да ја достават потребната документација за добивање или продолжување лиценца директно во архивата на Министерството, до Секторот за стоматолошка здравствена заштита.
Поради сомнежи за финансиски злоупотреби и низа неправилности во Стоматолошката комора, Министерството за здравство пред две седмици ги презеде нејзините надлежности. Тогаш министерот за здравство Азир Алиу изјави дека надзорите и документите покажале сериозни пропусти: едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати што неправилно се користеле за продолжување лиценци; договори склучувани ретроактивно, спротивно на законот; одлуки и документи без потпис и со невалидна документација; игнорирање на привремената мерка и на конечната одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на законот. Претседателот на Стоматолошката комора, Маријан Денковски, на прес-конференција изјави дека повеќекратните контролни надзори не откриле неправилности во работењето на Комората. Тој ги демантира тврдењата дека Комората не постапила по насоките од министерот и најави консултации со поранешни претседатели за да го слушнат и нивното мислење.
Текстот Документацијата за Стоматолошката комора стигна во рацете на Обвинителството е превземен од МАКФАКС.






