ДОМ со резолуција против изградба на мали хидроцентрали во Европа и на Балканот

пред 3 години

Зелената партија ДОМ учествуваше на 32 Совет на Европските зелени партии, кој поради Ковид-19 пандемијата се одржа онлајн, од 2-6 декември годинава.

Настанот беше организиран од Европската зелена партија заедно со полската Зелена партија-Partia Zieloni. На Советот како делегатка од ДОМ, со право на глас учествуваше Маја Морачанин, претседателката на партијата.

Како што посочуваат од ДОМ, во рамките на сесиите биле предложени и усвоени следните резолуции:

– Владеењето на правото е во срцето на Европската Унија-Ние треба да го заштитиме;
– Да им дадеме на реките нов живот за да го сочуваме нашиот;
– За европска иднина без јаглен-Запирање на рудникот за јаглен во Туров, Полска;
– Права на трансродовите граѓани овде! Права на трансродовите граѓани сега!;
– Право да се протестира;
– Озеленување на Источно-Европското партнерство;
– Опоравување од Ковид-19, градење на одржлив туристички сектор низ цела Европа и резолуцијата ЕУ која делува во поддршка на мирот и правото на самоопределување во Западна Сахара.

Со резолуцијата „Да им дадеме на реките нов живот за да го сочуваме нашиот“, чиј ко-предлагач е и Зелената партија ДОМ, се бара од властите на Балканот и во цела Европа да запрат со градење брани и мали хидроцентрали во заштитените подрачја и да ги забранат субвенциите со кои се поттикнува градењето мали хидроцентрали.

„Градењето мали хидроцентрали предизвикува сечење на шумите, нарушување на водните текови, уништување на речната флора и фауна. Реките се пренасочуваат во цевки што го суши земјиштето и отвара пат за потенцијална ерозија. Некои села го загубија пристапот до вода за добитокот или земјоделие, а загубата на шумите придонесува за почести поплави. Изградбата на мали хидроцентрали не само што доведува до неповратно уништување на животната средина, туку може и да го уништи животот на локалното население преку уништување на нивното земјоделско земјиште и со предизвикување раселување на населението. Браните не треба да да се градат во области подложни на земјотреси, како што е Балканот”, се истакнува во резолуцијата.

Share
Scroll to Top