„До Китка во сеќавање на Љупчо Меловски“: Меморијален марш во чест на доајенот на еколошката наука

„До Китка во сеќавање на Љупчо Меловски“: Меморијален марш во чест на доајенот на еколошката наука

пред 3 часа

Македонското еколошко друштво најави дека на 26 април (недела) ќе се одржи шестиот Меморијален марш „До Китка во сеќавање на Љупчо Меловски“, во соработка со Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово.

Маршот се организира во чест на проф. д-р Љупчо Меловски, научник, професор и долгогодишен претседател на Македонското еколошко друштво, кој остави значаен белег во развојот на еколошката наука во Македонија. Тој беше и активен член и поддржувач на ПК „Љуботен“, а особено беше препознатлив по својата посветеност кон заштитата на природата и инспирацијата што им ја пренесуваше на младите еколози.

Настанот е отворен за сите заинтересирани, а традиционално учесниците ќе се искачуваат до врвот Китка – планина што имала посебно значење во животот на Меловски.

Искачувањето ќе започне во 7:30 часот од селото Горно Количани, општина Студеничани, на надморска височина од 750 метри. Околу 9:30 часот се очекува пристигнување кај спомен-плочата посветена на Меловски, по што ќе се продолжи низ шумски појас до планинарскиот дом „Китка“. Пристигнувањето на врвот, кој се наоѓа на 1.568 метри надморска височина, е планирано за 11:30 часот.

По одмор на врвот, следува враќање назад, а завршувањето на маршот е предвидено околу 15:30 часот во селото.

Организаторите информираат дека станува збор за средно тешка планинарска тура во должина од 18 километри, со искачување од околу 700 метри во еден правец. Поради тоа, учесниците треба да бидат во добра психофизичка кондиција и да располагаат со соодветна планинарска опрема за пролетни услови. Исхраната е во сопствена режија.

Од Македонското еколошко друштво и ПК „Љуботен“ нагласуваат дека не сносат одговорност за последици што би настанале надвор од предвидената програма. За повеќе информации, заинтересираните можат да се јават на телефонскиот број 078 393 436 или да ги посетат социјалните мрежи на Македонското еколошко друштво.

Текстот „До Китка во сеќавање на Љупчо Меловски“: Меморијален марш во чест на доајенот на еколошката наука е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top