ДУИ бара истрага за имотот и капиталот на директорот на НОМАГАС, Недим Рама

ДУИ бара истрага за имотот и капиталот на директорот на НОМАГАС, Недим Рама

пред 3 часа

Демократска унија за интеграција денеска објави нови информации поврзани со директорот на НОМАГАС, Недим Рама, оценувајќи дека случајот отвора сериозни прашања за потеклото на капиталот и имотот.

Од ДУИ посочуваат дека компанијата ЛИНЕ ЛТД ДОО Скопје е во сопственост на Недим Рама и, како што наведуваат, партискиот донатор на ВЛЕН, Анид Шазивари. Според партијата, фирмата е регистрирана за изнајмување автомобили и се наоѓа на официјалната листа на рент-а-кар компании на Меѓународниот аеродром Скопје.

Во соопштението се поставува прашањето со колкав капитал и од кои извори се обезбедени средствата за набавка на возилата, како и колкава е нивната вредност.

ДУИ тврди и дека преку истата деловна структура се издаваат луксузни апартмани во Маврово, а по увид во катастарските податоци, според нив, два апартмани се поврзани со Недим Рама – едниот во негова лична сопственост, а вториот во сопственост на компанијата ЛИНЕ ЛТД ДОО Скопје.

Во еден од имотните листови, како што наведуваат од партијата, како сосопственик се појавува и Лирим Хајредини со идеален удел од една половина заедно со Недим Рама.

Од ДУИ прашуваат како е можно државен функционер да располага со капитал за возен парк за рент-а-кар компанија и недвижности со висока вредност, како и дали зад, како што велат, брзиот раст на капиталот стои поширока политичко-бизнис мрежа блиска до Изет Меџити.

Партијата ги повика Управата за финансиска полиција, Основното јавно обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата да извршат детална проверка на потеклото на капиталот, финансиските текови и целокупната имотна состојба.

Текстот ДУИ бара истрага за имотот и капиталот на директорот на НОМАГАС, Недим Рама е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top