ДУИ: На ВМРО-ДПМНЕ им пречат Албанците на чело на институциите во државата

пред 3 години

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска реагира на ставовите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ, според кои, Ахмети кога сака да им се допадне на странците, се откажува од Косово, а кога со СДСМ, како што се вели, краде на тендери, станува загрижен патриот.

Меѓутоа, од ДУИ обвинуваат дека на ВМРО-ДПМНЕ како политички субјект му пречат Албанците на чело на институциите во државата.

„Овие медиумски изјави на ВМРО-ДПМНЕ се бледа копија на кампањата на СДСМ пред неколку години, со ист вокабулар и со иста цел. Спроведените проекти и конструктивниот пристап на кадрите на ДУИ ја демаскира политичката демагогија на ВМРО која покажува знаци на неоснована нервоза од успесите на албанските кадри во водечките државни институции и политики“, се наведува во партиската реакција.

Од ДУИ порачуваат дека ВМРО-ДПМНЕ мора да научи и да ја прифати реалноста за рамноправното вклучување на Албанците и дека времињата на политики против, како што велат, Албанците, против соседите, против НАТО и ЕУ никогаш не можат да се вратат во нашата земја.

„Жално е да се види како фрустрацијата на ВМРО ги води на маргините на социјалната толеранција. Неосновани обвинувања, лаги и измислени заговори не и одговараат на една партија која претендира да ја води оваа земја“, нагласуваат од партијата на Ахмети.

Share
Scroll to Top