На годишнината од настаните во Собранието на 27 април 2017 година, Демократската унија за интеграција апелира до сите политички партии да се заложат дека 27 април повеќе нема да се повтори.
„ДУИ го осудува говорот на омраза што се слушна за време на протестот организиран во недела во одбрана на обвинетите и осудените лица за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на РСМ. Појавувањето на менталитетот од пред 2001 година не личи на едно мултиетничко општество и држава како што е Република Северна Македонија бидејќи тоа го отежнува континуираното градење на доверба меѓу нашите народи“, велат од ДУИ.
Од партијата велат дека една од учесничките на овој протест рекла дека за неа е неприфатливо осудените од 27 април да останат зад решетки и како што истакнала, терористите од војната во 2001 година да бидат дел од законодавната, извршната и судската власт.
„Истата учесничка исто така рече дека луѓето кои го тероризираа собранието на 27 април 2017 година се патриоти, родољубиви луѓе и дефинитивно не треба да се третираат исто како терористите од 2001
година. ДУИ смета дека овие архаични и регресивни идеи треба да бидат осудени од сите учесници на протестот и истите да се дистанцираат за да не се идентификуваат со нив“, велат од ДУИ.
Од таму додаваат дека остануваат посветени на функционирањето на земјата како што и прилега на земја-членка на НАТО и земја која во блиска иднина има за цел да стане дел од Европската Унија.