Челниците на ДУИ кои работат во Владата се оградиле од пукањето во Тетово и Желино, но и Чаир, за време на нивните партиски собири.
Премиерот Зоран Заев повика МВР да постапува и да открие кој „славеше“ со пукање во воздух среде маса од луѓе, партиски поддржувачи.
Заев повика полицијата да постапи во секој ваков случај и да ги открие сторителите, посочувајќи, дека веќе се работи на тоа.
„На состаноците со нив, бидејќи секојдневно работиме заедно, тие се оградуваат. Тие повикуваат МВР да си постапи по сите вакви случаи, бидејќи треба да ги одвратиме. Прво не мислам дека тоа носи добро на некој. Тоа одвраќа гласачи, поддршки, позитивен амбиент. Второ тоа е кривично дело. Тоа е нарушување на јавен ред и мир. Веројатно и злоупотреба на законот за оружје. МВР ги има веќе снимките, објавени се и истражува за точно да ги најдат сторителите. Јас апелирам до граѓаните, имаат снимка од тоа, да помогнат во истрагата. Буквално анонимно, не мора да се знаат. Дел од истрагата се води не само со анализа на самата снимка и кој тоа го направил, туку треба и дополнително да се помогне за да се утврди идентитетот на група, лице и слично“, рече Заев.
Првата снимка од пукање за време на изборен собир на ДУИ се појави пред два дена. На неа се гледа како додека актуелниот пратеник Изет Меџити зборува на митингот, од страна лице крева пиштол во воздух и пука. Ова не е првпат ДУИ да слави со пукање.