Европска недела за тестирање за ХИВ, секое трето лице кое го има вирусот не знае дека е позитивно

пред 2 години

Асоцијација за здравствена едукација и истражување ја одбележува Европската недела на тестирање за ХИВ веќе осма година по ред.

Денес, се проценува дека во нашата држава секое трето лице кое има ХИВ, не го знае својот ХИВ-позитивен статус, односно не е свесно дека е ХИВ-позитивно. Да се знае својот ХИВ-статус што порано е важно, затоа што денес благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Од друга страна, редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи терапијата го потиснува вирусот до т.н. недетектабилно ниво, при што е невозможно ХИВ да се пренесе на друго лице по сексуален пат, информираат надлежните.

„Сакајќи да го направиме тестирањето за ХИВ подостапно и да ги охрабриме граѓаните да го дознаат својот ХИВ-статус, во рамките на Европската недела на тестирање за ХИВ, ХЕРА ќе обезбедува бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови. Овие услуги се достапни во нивниот младински центар на Водно секој работен ден од 16 до 20 часот и за време на викендот од 11 до 15 часот. За подетални информации и за закажување, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950. Тестирањата и советувањата за ХИВ се одвиваат во согласност со интерни протоколи за прием и нудење на услуги на клиенти за време на здравствената криза со Ковид-19“, велат од таму.

За граѓаните, како што додаваат е достапна и мобилната андроид апликација „Направи ХИВ тест“, преку која може да добијат информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, како и да ги дознаат сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Google Play.

Европската недела на тестирање за ХИВ е меѓународна иницијатива кон која се приклучуваат повеќе од 600 организации низ Европа за да ја подигнат свесноста за важноста на навременото тестирање за ХИВ и на пристапот до терапија за ХИВ.

Share
Scroll to Top