Експресниот пат Кочани – Виница – Делчево ќе почне да се гради во 2027 година, најави Мицкоски

Експресниот пат Кочани – Виница – Делчево ќе почне да се гради во 2027 година, најави Мицкоски

пред 37 минути

Почетокот на изградбата на експресниот пат што ќе ги поврзе Кочани, Виница и Делчево, со клучка за Македонска Каменица, се очекува кон крајот на летото или почетокот на есента 2027 година. Ова денеска го најави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Делчево, посочувајќи дека проектот е во фаза на подготовка и дека апликацијата за финансирање веќе е поднесена до меѓународните финансиски институции.

Одговарајќи на новинарско прашање за избраната траса, Мицкоски рече дека на јавната расправа биле разгледани две варијанти, од кои едната е избрана. Во тек се изработката на студија за изводливост и еколошка студија, а за финансирањето веќе се разговара со Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

„Станува збор за експресниот пат што треба да ги поврзе Кочани, Виница и Делчево, со клучка за Македонска Каменица. На јавната расправа беа разгледани две варијанти, од кои едната е избрана. Во тек е изработката на студија за изводливост и на еколошка студија, а веќе разговараме и со потенцијални финансиски институции. Јас и вицепремиерот и министер за транспорт го претставивме проектот пред Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Апликацијата е веќе поднесена“, изјави Мицкоски.

Според најавите, студиите и концептите за избраната варијанта би требало да бидат готови напролет, доколку постапките се одвиваат според планираното. Потоа, кон крајот на летото или почетокот на есента 2027 година, се очекува да биде поставен камен-темелникот.

Мицкоски оцени дека со реализацијата на овој проект значително ќе се подобри сообраќајната поврзаност на жителите од источниот дел на државата со останатите региони.

Најави и други инфраструктурни активности во регионот. Од понеделник треба да почне реконструкцијата на патот од Делчево до граничниот премин со Бугарија, а завршена е и тендерската постапка за санација на мостот на излезот од Делчево кон Македонска Каменица и Кочани.

Премиерот денеска е во посета на Делчево, каде што заедно со министерот за здравство Сашо Клековски и министерот за спорт Борко Ристовски изврши увид во градежните активности на Здравствениот дом „Гоце Делчев“, како и на почетокот на реконструкцијата на градската спортска сала.

Текстот Експресниот пат Кочани – Виница – Делчево ќе почне да се гради во 2027 година, најави Мицкоски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top