„Есенски музички свечености“ годинава со фокус на домашните уметници и мерките против Ковид-19

пред 4 години

Овогодишното 21. издание на фестивалот „Есенски музички свечености“ целосно ќе биде посветено на домашните уметници, со спроведување на мерките за заштита од Ковид-19, најавуваат од Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје.

Во програмата планирани се настапи на државните институции, како и повеќе камерни концерти.

„Целосната реализација на програмата сепак ќе зависи од тоа како ќе се развива здравствената состојба во државата и според протоколите кои ќе бидат донесени од државните органи. Затоа, програмата ќе биде сукцесивно и навремено објавувана во текот на месец ноември“, се наведува во соопштението за фестивалот.

Официјалното отворање на „Есенски музички свечености 2020“ ќе биде одбележано со Гала оперскиот концерт на Националната Опера и Балет на 4 ноември со почеток во 20 часот.

На концертот ќе настапат солистите, хорот и оркестарот на НОБ под диригентската палка на Иван Еминовиќ.

Следниот предвиден настан е концертот на Гордана Јосифова Неделковска – обоа, со гостите Влатко Стефановски – гитара, Страшо Темков – флејта, Елена Атанасовска – Ивановска – пијано и Инес Неделковска – пијано. Концертот треба се одржи на 6 ноември, во салонот на Националната Опера и Балет, со почеток во 20 часот.

При реализацијата на концертите ќе се почитуваат пропишаните протоколи за одржување на ваквите настани.

Share
Scroll to Top