Жител на Желино обвинет за две разбојништва врз таксисти во Скопје

пред 3 години

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против 28-годишен жител на Желино кој напаѓал и ограбувал таксисти.

На 28 февруари, обвинетиот и уште едно засега непознато лице влегле во такси возило на улицата „Димитрија Чуповски“ и побарале од таксистот да ги вози до хотел во близина на Скопски саем. Кога стигнале на булевар „Никола Карев“, во близина на клучката за Чаир, му кажале на таксистот да го запре возилото.

Обвинетиот од задното седиште го фатил таксистот за јаката, го повлекол назад и му ставил нож под вратот, заканувајќи му се дека ќе го убие ако не им ги даде парите.

Неговиот сопатник кој седел на совозачкото седиште за тоа време започнал да пребарува низ преградите на возилото, го пронашол паричникот на таксистот од каде украл 9.50 денари, а го украле и мобилниот телефон на таксистот вреден 6.000 денари.

Потоа двајцата избегале.

На 4 март, на сличен начин, обвинетиот запрел такси возило на улицата „Џон Кенеди“, се качил во автомобилот и побарал да биде одвезен до еден хотел. Пристигнувајќи во близина на наведената локација, повторно со нож му се заканил на таксистот и одзел 1.500 денари и мобилен телефон вреден 8.500 денари.

Бидејќи сѐ уште постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност обвинетиот да влијае врз сведоците и оштетените и веројатност тој да го повтори делото, јавен обвинител побара да му се продолжи притворот.

Share
Scroll to Top