Заев од Битола: Инвестираме во стабилен енергетски систем

пред 3 години

Инвестициите во енергетската мрежа се од голема важност за целиот електроенергетски систем и имаат директно влијае на пристапот и стабилноста во снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата од овој регион, за малите претпријатија како и за големите индустриски капацитети, рече премиерот Зоран Заев по повод пуштањето во употреба новиот 400/110 киловолтен трансформатор во Трансформаторска станица „Битола 2”, инвестиција на АД „МЕПСО“ која e во висина од 2,4 милиони евра.

Според Заев, задоволството е уште поголемо затоа што континуирано се инвестира во енергетскиот сектор во земјава.

„Изминатиот период присуствувам на завршени или на отпочнување на нови проекти во областа на енергетиката кои значат помош за економијата, за инвестициите за побрз развој и за подобар стандард. Оваа недела ги потпишавме и договорите за инвестиции во Александруполи со што ја осигуруваме енергетската иднина. Од оваа трафостаница тргнува интерконективниот далекувод кој ја поврзува земјава со Грција, а токму тука, со проширување на последното поле во трафостаницата се подготвува теренот за изградба на интерконекцијата со Албанија, преку далекуводот Битола-Елбасан“, изјави Заев.

Министерот Бочварски рече дека инвестициите во електро преносниот систем се само доказ за стратешките одлуки во зајакнување на електро-енергетскиот сектор во Република Северна Македонија.

„Сега нудиме стабилно и редовно снабдување со електрична енергија, a тоа е одговор на нивните потреби”, изјави Бочварски и додаде дека вкупните инвестиции на АД МЕПСО надминуваат 100 милиони евра во сите сегменти од реконструкција и модернизација на трафостаниците до изградба на нови далекуводи.

Директорот на АД „МЕПСО“, Куштрим Рамадани, истакна дека новиот 400/110 киловолтен трансформатор се поставува на местото на стариот кој беше во функција од далечната 1982 година.

„Инвестицијата изнесува 2,4 милиони евра, сопствени средства на АД „МЕПСО“. Со овој трансформатор ќе се зголеми доверливоста на ТС „Битола 2” и ќе се подобрат напонските прилики за домаќинствата и бизнис секторот во регионот“, истакна Рамадани.

Share
Scroll to Top