За ваучери за летување можат да се пријават работниците со ниски примања, објавен е јавниот повик

пред 3 години

 

Министерството за економија го објави јавниот повик за реализација на мерката- организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари.

Оваа мерка е во рамки на Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи 2021 и предвидува издавање на потврди-ваучери за туризам во вредност од 12.000 денари за лица со ниски примања за да истите ги користат во категоризираните угостителските објекти за сместување (хотели) лоцирани во туристичките центри во Република Северна Македонија кои претходно се пријавени во Министерство за економија.

Според јавниот повик кој денеска е објавен на веб -страната на Министерството за економија оваа година за реализација на оваа мерка се предвидени 15 милиони денари.

„Со оглед на зголемениот интерес на граѓаните, и оваа година ќе продолжиме со мерката преку која на работниците со ниски примања им се овозможува користење на годишен одмор. Владата на Република Северна Македонија преку програмата на Министерството за економија, во 2017 година почна да ја спороведува оваа мерка со цел да даде поддршка на домашниот туризам, но во исто време на семејствата со ниски месечни примања да користат одмор во туристичките центри во земјата“, посочуваат од Министерството.

Јавниот повик ќе трае до 30 јуни и до овој рок сите граѓани кои ги исполнуваат условите, односно немаат приходи повисоки од 30.000 денари ќе може да се пријават и да добијат ваучер.

Ваучерот за користење на средства за организиран одмор ќе може да се искористи најдоцна до 30 ноември 2021 година, во некој од угостителските објекти од листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб- страната на Министерство за економија

Оваа мерка има за цел даа им овозможи на семејствата со ниски приходи, со поддршка на државата да го искористат правото на годишен одмор и, истовремено, да им се даде поддршка на хотелиерите и угостителите да работат со исполнети капацитети и надвор од туристичката сезона, за стимулирање на развојот на домашниот туризам.

Потврдата за користење на средства за организиран одмор се издава по принципот „Прв дојден прв услужен“.

Потврдата за користење на средства за организиран одмор може да се користи само од работникот на кого му е издадена заедно со членовите на неговото потесно семејство кои се наведени во барањето.

Јавниот повик и конкретните документи кои треба да се достават може да ги најдете на веб -страната на Министерството за економија на следниот ЛИНК.

Share
Scroll to Top