„За Мицкоски дата-центрите се ‘нова нафта’, а за Македонија нова шанса да ѝ ги исцицаат водата, струјата, и ресурсите“, велат од Левица

„За Мицкоски дата-центрите се ‘нова нафта’, а за Македонија нова шанса да ѝ ги исцицаат водата, струјата, и ресурсите“, велат од Левица

пред 4 часа

„Мицкоски, „како инженер“, ни соопшти дека дата-центрите биле „новата нафта“ и дека Македонија морала меѓу првите да го јава бранот. Проблемот е што држава не се води со фрази од технолошки конференции. Особено не држава која сè уште нема обезбедено ниту енергетска самостојност, стабилна инфраструктура и гаранции дека нејзините природни ресурси нема да станат евтина суровина за туѓ приватен профит“, велат од партијата Левица.

„Кога една економски ослабена и корумпирана држава нема сопствена производна база, технологија и капитал за создавање нова вредност, таа почнува да се нуди преку единственото што ѝ останува – евтина работна сила, природни ресурси, евтина електрична енергија, вода, земјиште и инфраструктура. Токму тоа го гледаме и денес. Во немоќта на ДПМНЕ да создаде сериозна домашна производна база, развојната стратегија им се сведува на тоа Македонија да ја претворат во платформа за експлоатација за потребите на глобалниот капитал.

Истиот модел го гледаме и со останатите природни ресурси и индустриски „инвестиции“. Во Крива Паланка се најавува експлоатација на антимон кој ќе се извезува во САД, каде што ќе се врши неговата преработка. На Дошница се туркаат хидроенергетски проекти со кои нашите реки треба да се претворат во приватен извор на профит. Во исто време се отвора можност Македонија да стане дестинација за отпад од ЕУ, додека загадувањето од индустријата во Скопје станува „деловна тајна“. Во сите случаи се повторува истата матрица – ресурсите и природата се наши, а економската корист се приватизира, додека трошокот го плаќаат граѓаните.

Ако дата-центрите се толку добри за една држава како што тврди Мицкоски, тогаш зошто во САД веќе има над 500 активни привремени или трајни забрани и мораториуми за изградба на дата-центри? Само во јули повеќе од 150 градови и окрузи вовеле вакви ограничувања.

И додека американските локални заедници почнуваат да ги ограничуваат дата-центрите поради нивната ненаситна потреба за струја и вода, Мицкоски веќе ја нуди Македонија како нова локација за американски капитал. Во интервју за Брајтбарт тој самиот открива дека разговара со Крис Павловски, директорот на Rumble, токму за изградба на дата-центри во Македонија, а притоа најавува дека Владата ќе ги обезбедува „сите потребни олеснувања“ за овие инвестиции. Со други зборови, она што станува проблем за американските граѓани и локални власти, за ДПМНЕ станува „инвестициска шанса“ за Македонија. Кога во САД расте отпорот кон дата-центрите, Мицкоски ја отвора вратата тие да се градат тука – со нашата струја, нашата вода и нашата инфраструктура.

Најчесто дата-центрите кои се опремени со хардвер од последна генерација користат водено ладење, што допринесува до користење на енормни количини на вода во местата каде што тие дата-центри се инсталираат. Пресметките за количините на вода која се користи во дата-центрите се движат некаде околу милиони галони вода на ден. Водата се користи поради тоа што таа пренесува топлина полесно и поефикасно од воздухот. Сето тоа допринесува да има се помалку вода на местата каде се инсталираат дата-центрите.

За Македонија, која секое лето се соочува со температури над 40°C, сушни периоди и проблеми со водоснабдувањето во повеќе населени места, прашањето не е дали дата-центрите звучат модерно, туку дали ќе им се даде приоритет на серверите пред водата за населението, земјоделството и локалната економија.

Огромен проблем е и снабдувањето со струја на овие дата-центри. Македонија ја нема таа инфраструктура за да се градат повеќе дата-центри наеднаш, како што беше најавено. Со нивна изградба само ќе направиме регионите каде би се инсталирале овие дата-центри да имаат нестабилно снабдување со електрична енергија.

Од економска гледна точка, дата-центрите им допринесуваат само на сопствениците на овие дата-центри, или, во нашиот случај, експлоататорите на Македонија. Од ова државата би имала само мал дел од финансиите кои се несразмерни со она колку од своите природни богатства државата дава за да функционираат регуларно овие дата-центри.

Затоа и споредбата со „новата нафта“ е крајно показателна. Не е доволно една држава да има природно богатство – прашањето е кој го контролира ресурсот, кој ја има технологијата за негово искористување и кој го зема профитот. Ако антимонот го вадиме ние, а го преработуваат други; ако водата и струјата ги обезбедува државата, а профитот го зема приватниот капитал; ако кај нас доаѓа отпадот, а кај граѓаните останува загадувањето – тогаш Македонија не станува богата, туку ресурсна периферија на туѓиот капитал.

Македонија, земја која има сериозни природни богатства и која е позната по тоа, не смее да си дозволи поради лошата економска состојба, странски капитал да дојде да ја експлоатира, опустоши и да си замине во моментот кога ќе нема доволно ресурси за регуларно функционирање на дата-центрите“, се наведува во соопштението на Левица.

Текстот „За Мицкоски дата-центрите се ‘нова нафта’, а за Македонија нова шанса да ѝ ги исцицаат водата, струјата, и ресурсите“, велат од Левица е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top