За развој на лидери и менаџери меѓу административците Министерството за јавна администрација ќе соработува со ВИТА Институтот

За развој на лидери и менаџери меѓу административците Министерството за јавна администрација ќе соработува со ВИТА Институтот

пред 2 дена

Министерството за јавна администрација и ВИТА Институт за истражување, едукација, менаџмент консалтинг и коучинг од Скопје, денес потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на професионалните, менаџерските и лидерските капацитети на јавната администрација.

Овој Меморандум ја потврдува целосната заложба на Министерството за развој и јакнење на човечките ресурси на сите нивоа во јавната администрација.

Преку оваа соработка, Министерството за јавна администрација ќе обезбедува системски пристап кон професионалната едукација и континуираното јакнење на човечките ресурси на сите нивоа во јавниот сектор. Дополнително соработката со ВИТА Институт во рамки на програмите за менаџерски и лидерски развој ќе ја унапреди професионалноста, ефикасноста и современото управување во јавната администрација.

„Овој Меморандум ја потврдува нашата заложба за континуиран развој на јавната администрација и зајакнување на капацитетите на службениците на сите нивоа, со цел обезбедување професионална и ефикасна услуга за граѓаните“, истакна Горан Минчев, министер за јавна администрација.

ВИТА Институт, пак, преку своите програми придонесува кон развојот на лидерските и менаџерските капацитети преку примената на универзални принципи и пренос на добри практики од приватниот сектор и меѓународни искуства од јавниот сектор.

Со тоа се овозможува стекнување на применливи знаења и практични вештини кои директно ги поддржуваат реформските и развојните цели на институциите.

„Со ова партнерство ги комбинираме знаењата и експертизата од приватниот и јавниот сектор за да создадеме програми кои директно ги поддржуваат лидерските и менаџерските развојни цели на јавната администрација,“ – потенцира Христина Велковска, директорка на ВИТА Институт.

Министерството за јавна администрација и ВИТА Институт ќе соработуваат во повеќе области, вклучително размена на информации, усогласување на годишните програми за едукација, организирање на едукативни настани и конференции, како и примена на иновативни методи и меѓународни добри практики.

Текстот За развој на лидери и менаџери меѓу административците Министерството за јавна администрација ќе соработува со ВИТА Институтот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top