Здружение на преведувачи и толкувачи: По јазикот не смее да се посега, да се менува и да се прилагодува на нечии барања

пред 4 години

Здружението на преведувачи и толкувачи донесе декларација по повод неодамнешните, повеќекратни настапи на видни бугарски политичари, историчари и академици насочени кон претставувањето на македонскиот јазик како дијалект или литературна норма на бугарскиот јазик.

„Во однос на негирањето на македонскиот јазик како посебен јазик кој ѝ припаѓа на јужнословенската група на јазици, Здружението на преведувачи и толкувачи потсетува дека секој јазик, вклучувајќи го и македонскиот, е дел од
културниот и националниот идентитет на еден народ, по кој не смее да се посега, не смее да се менува и прилагодува според барањата на поединци или групи заради добивање политички поени или демонстрирање моќ и
сила. ЗПРМ потсетува на Универзалната декларација за човекови права која во чл. 19 пропишува слобода на мислење и изразување на секој човек. Резолуцијата на ОН A/RES/61/266 ги повикува сите земји членки на ОН, меѓу кои и Бугарија, да ги сочуваат и да ги штитат сите јазици што ги говорат народите во светот.

Оттаму, ЗПРМ остро се спротиставува на секаков вид негирање на македонскиот јазик од страна на официјални лица од Република Бугарија кои деновиве излегуваат со ставови спротивни на меѓународните конвенции и документи
коишто се однесуваат на заштитата и негувањето на јазиците. Исто така, ЗПРМ ги отфрла сите произволно изнесени и научно непоткрепени ставови кои немаат ништо заедничко со лингвистиката, славистиката историјата. Од бугарската научна јавност, предводена од бугарските преведувачи и јазични професори, бараме да се сообрази со објективната
научна реалност за класификацијата на словенските јазици. Македонскиот јазик има долга книжевна традиција која му претходи на датумот на неговото нормирање: почнувајќи од „Тријазичникот“ на Пулевски во 18. век, па „Абецедарот“ издаден од грчките власти во 1925 година, како и учебниците по македонски јазик издадени во Бугарија во доцните 40-ти години на минатиот век, кога почнува наставата на мајчин македонски јазик и според тогашниот попис, 63,7% од населението во Пиринска Македонија се изјаснуваат како Македонци“, се вели во соопштението.

За преведувачите и толкувачите, македонскиот јазик не е само алатка со којашто работат, туку дел од нивното битие, традиција, идентитет, длабоко вкоренет во делата на Миладиновци, Иљоски, Рацин, на Андреевски, Јаневски, Конески. „Тоа е јазикот на кој зборуваме, комуницираме,твориме, јазикот на кој и од кој преведуваме и толкуваме, на кој пишуваме и раскажуваме“, велат тие.

„Македонскиот јазик е жив јазик кој се изучува и говори на сите нивоа на образование, кој се користи во истражувачката и научната област, и во нашата земја и во сите земји каде што живее македонско малцинство, како и на
бројни катедри во светот каде што се изучува македонистиката. Македонскиот јазик е јазикот на кој се преведени илјадници светски дела, препеани илјадници страници поезија, а од неодамна, и јазикот кој се појавува како засебен, работен јазик и во многу меѓународни институции. Оттаму, ЗПРМ ги повикува државните институции, останатите
професионални здруженија, сите поединци и истомисленици, пријатели на нашата земја и почитувачи на македонскиот јазик, да се огласат против овие непринципиелни притисоци, несвојствени за демократскиот свет од 21. век, на којшто му е потребен јазик на меѓусебна почит, наместо јазик на омраза, уцени и негирање“, се вели во соопштението.

Share
Scroll to Top