Зелена лента за „Отворен Балкан“ поставена на Табановце – обезбеден брз проток за транспортерите

пред 2 години

На граничниот премин Табановце, на влез во државата, Царинската управа на Северна Македонија ја поставила првата табла за Зелена лента за Отворен Балкан што е еден од првите проекти на иницијативата кои даваат видлив резултат, информираат од Генералниот секретаријат на Владата.

„Најважната придобивка од Зелената лента за компаниите и транспортерите, како и за Овластените економски оператори од Отворен Балкан е намалување на времето на чекање на граничните премини. Тоа е овозможено преку приоритет во преминувањето и спроведување на царинските постапки со скратени и олеснети физички и документациски контроли“, се наведува во соопштението.

Со визуелното обележување на Зелената лента за Отворен Балкан, Царинската управа ги упатува транспортерите кон полесно движење на стоките и намалување на трошоците за извоз и увоз.

Следната недела вакви обележја ќе бидат поставени и на граничниот премин Ќафасан при влез во државата, а потоа истото ќе го направат и партнерите од Србија и Албанија на позициите при влез од Северна Македонија во тие две држави.

Share
Scroll to Top