Зендели од Беса: Џафери ги има сите овластувања да свика седница на Комисијата за избори и именувања

пред 3 години

Пратеникот на Движењето Беса Фадил Зендели реагира на изјавите на претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека опозицијата ја опструира Комисијата за избори и именувања.

Според него, обвинувањата на Џафери се бегство од одговорноста на парламентарното мнозинство и неподготвеноста да се седне и да се разговара за прашања кои се во интерес на граѓаните и државата. Зендели наведува дека претседателот на Собранието ги има сите нормативни овластувања да свика седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, но тој не го прави тоа. Апелира до Џафери да биде коректен во изјавите, а немањето политичка волја за компромиси со опозицијата, да не го оправдува со наводни блокади и опструкции од опозицијата.

„Јас сум пратеник со искуство во републичкото собрание и со мојата работа и политичка посветеност покажав зрелост и визија за носење сериозни политички одлуки. Јас сум член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата во два пратенички состави и бев отворен и конструктивен во одлучувањето и функционирањето на оваа комисија. Повторувам дека за сè што е во интерес на граѓаните, на европскиот пат на државата, за добро функционирање на јавните институции подготвени сме да седиме и да разговараме, но нема да станам алатка и инструмент на промашените политики на дуото СДСМ-ДУИ“, наведува Зендели.

Неговара реакција е предизвикана по вчерашните случувања околу неможноста да се изберат уште четворица судии во Уставниот суд. Имено, претседателката на судот, Добрила Кацарска испрати писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери, во кое изрази загриженост за состојбата со намалениот број на судии и побара Џафери да го заложи својот авторитет и во Собранието да се изберат нови четворица уставни судии во најскоро време. Џафери и’ одговори дека во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд бидејќи e опструирана работата на Комисијата за избори и именувања.

Share
Scroll to Top