Странските експерти се уште не се вклучени во анализата дали во 13 пријавени случаи имало непотребно направени операции на срце по скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека во земјата за пари се прават операции на срце и кај пациенти што немаат медицинска потреба. Домашниот експертки тим веќе завршил со разгледување на првите осум случаи кои стигнаа во Министерството за здравство, но министерот Азир Алиу вели дека се додека не заврши целиот процес, нема да објавува детали.
„Завршени се осум предмети кои беа првично архивирани кај нас како Министерство за здравство. Имаме уште пет нови случаи кои се работат. Нема да известиме ништо се додека извештајот не е конечен, се додека не завршат сите случаи. Кога ќе завршат сите анализи и административни и клинички, тогаш тој конечен извештај ќе биде јавно достапен на веб-страницата на Министерството. Странските експерти во оваа фаза се уште не се вклучени. Нема да се вклучат се додека не завршат со сите случаи домашните експерти. Во оваа фаза само комунициравме, тие не се активни. Чекаме да се завршат со наодите, тоа се сензитивни процеси и после ќе имаме заеднички состанок локален експертски тим со меѓународниот експертски тим и се надевам дека тогаш ќе имаме чист случај како понатаму, кои политики треба да ги имплементираме и дали можеби да се размислува за менување на дел од законите со цел да имаме појасно дефинирани протоколи за ваков тип на услуги“, вели министерот Алиу.
За петте нови случаи министерот Алиу извести минатата недела. Тимот странски експерти од Словенија, Австрија и Италија ќе го даде конечното мислење за сите пристигнати случаи, но тие ќе почнат со работа по локалните избори.
Текстот Извештајот, по сомневањата за непотребни операции на срце, ќе биде јавно достапен, но откога и нашите и странските експерти ќе го завршат е превземен од МАКФАКС.






