Екипите на Град Скопје влегоа во завршна фаза од изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, кој има шест сообраќајни ленти.
„Во текот на следната седмица се очекува да биде целосно завршен и пуштен во употреба. Со тоа Скопје добива целосно нов булевар со вкупна должина од околу 1.700 метри, ширина од 40 метри, со 6 коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки од двете страни, а предвидено е и средишно и странично зеленило со прекрасни дрвореди од двете страни и ново улично осветлување, по целата должина од бул. Словенија до бул. Христијан Тодоровски Карпош“, соопшти Град Скопје.
Булеварот се протега од крстосницата со улицата Македонско-косовска бригада до крстосницата со бул Христијан Тодоровски Карпош.
Заедно со булевар Словенија ги поврзува граѓаните на општините Шуто Оризари, Карпош, Чаир, Бутел и Железара со преостанатиот дел од градот, додека со булеварот Христијан Тодоровски Карпош претставува брз излез на скопската обиколница.