Издавачката куќа „Арс Ламина“ и авторот Зоран Спасов-Ѕоф донираа 350.000 денари за „СОС Детско село“

пред 3 години

Во просториите на „СОС Детско село“, во рамки на „Програмата за згрижување на деца без родителска грижа“, вчера се одржа средба со Зоран Спасов-Sоф авторот на романот „Тито, мојот претпоследен херој“ и претставници од „Арс Ламина“, издавачката куќа која го објави ова дело.

Средбата се одржа по повод донаторската кампања „Донирај и добиј книга“, која во ноември минатата година ја иницираа авторот на романот и издавачката куќа, со цел вкупните средства од продажбата на првиот тираж (од 1000 примероци), вклучително и средствата од авторските права да ги донираат за потребите на децата, младите и семејствата во ризик, поддржани од „СОС Детско село“.

Од исклучителна важност е дека граѓаните и љубителите на книгата ја препознаа дополнителната хуманитарна вредност на ова дело и придонесоа во рекорден рок од месец дена да се продадат 1000 книги и да се соберат 350.000 денари.

На средбата во просториите на „СОС Детско Село“, донаторите предадоа чек со вредност од 350.000 денари на националната директорка Јулијана Накова Гапо, а воедно имаа и можност да посетат една од куќите и да се запознаат со едно од семејствата и со секојдневното функционирање.

Според Јулијана Гапо, национален директор на „СОС Детско село“, дарежливоста и солидарноста имаа круцијална улога овој период, особено поради влијанието од пандемијата на Ковид-19.

„Благодарни сме што добивме партнери како авторот Зоран Спасов-Sоф и издавачката куќа „Арс Ламина“, кои покажаа исклучителна сензибилност за важноста на помагањето во време на пандемија. Преку нивната акција ја покажаа нивната солидарност, но и индиректно ја промовираа потребата за солидарност помеѓу граѓаните и важноста да се помага на најранливите категории – децата и семејствата во социјален ризик“, посочи Гапо.

Авторот на „Тито – мојот претпоследен херој“, Зоран Спасов-Ѕоф истакна дека е среќен што во „Арс Ламина“ пронашол издавач со кој ја доработил книгата и со кој дели исти човечки и морални вредности.

„Затоа се одлучивме на овој чекор за приходот од продажбата да го донираме на оние на кои им е најпотребно, односно на децата од најранливите категории. Соработката нема да застане тука и се надевам дека ќе биде мотив за сите оние индивидуални донатори и правни лица да го следат овој пример“, посочи Спасов.

Маркетинг-менаџерот во „Арс Ламина“, Александра Лукиќ-Камиловска, вели дека „Арс Ламина“ од своето основање е насочена кон поддршка и помош на различни типови на институции и социјално загрозени категории на граѓани.

„Досега, издавачката куќа „Арс Ламина“ има реализирано голем број на донации, а овој пат ја препознавме потребата да се помогне и да им се подобри секојдневието на децата во „СОС Детското село“. Секако, ќе продолжиме со вакви акции и во иднина со цел да возвратиме во општеството во кое функционираме и да помогнеме за да креираме посветла и поубава иднина“, појасни Лукиќ-Камиловска.

Јулијана Накова Гапо истакна дека, за жал, сè уште во целиот свет најзагрозени се децата и нивните права, но и во Македонија, сплотени како едно семејство, се работи посветено веќе 20 години за топол дом и грижа за секое дете заедно со донаторите и поддржувачи на „СОС Детско село“.

Share
Scroll to Top