Издадена наредба за приведување на Мухамед Зеќири

пред 2 години

И покрај сомневањата на обвинителката дека осомничениот Мухамед Зеќири кој даде оставка од Владата може да се даде во бегство, да влијае на сведоци и да го повтори делото, Кривичниот суд утрово издал наредба за приведување и спроведување пред судија на претходна постапка.

Според информациите, обвинителката предлог за определување на притвор доставила уште вчера попладнето. Истото го потврдуваат и од Обвинителството. Но, судот, наредбата ја издал утринава.

„По добивање на предлогот, во Законски предвидениот рок судија на претходна постапка, согласно одредбите од ЗКП издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот и тоа на единствената адреса посочена во предлогот. Откако, осомничениот ќе биде изведен пред судијата и ќе се произнесе во однос на предлогот на Јавниот обвинител ќе биде изготвено решение за кое странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“, велат од Кривичен суд.

Од Обвинителството посочуваат дека предлогот за притвор го испратиле вчера.

„Во текот на вчерашниот ден беше комплетирана документацијата и јавниот обвинител ја донесе во попладневните часови донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица. Наредбата, заедно со предлозите за определување на мерката притвор веднаш беа доставени до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје согласно надлежноститена поматамошно постапување“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Според Законот за кривична постапка, доколку е доставена покана до Зеќири, а тој не се појави во судот, се издава наредба за приведување.

Новинарски екипи со часови чекаат да се појави Зеќири во Кривичниот суд.

Утринава, тој изјави дека не знае дека за него се бара притвор. Во меѓувреме, Зеќири преку социјалните мрежи поднесе оставка до премиерот Димитар Ковачевски од функцијата генерален секретар на Влада.

Јавен обвинител донесе наредба за истрага во која осомничени се Мухамед Зеќири и две други лица. Зеќири се гони бидејќи во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.

„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.

Share
Scroll to Top