Институт за физикална терапија работел без Елаборат за животна средина

пред 3 години

Државниот инспекторат за животна средина спроведе координиран надзор во Институтот за физикална терапија и рехабилитација во Капиштец, откако деновиве добил бројни претставки за емисии во воздухот, преку новата алатка за пријавување загадување.

Од инспекторатот информираат дека било констатирано оти болницата работи без Елаборат за животна средина, која е обврзана законски да го поседува, по што веднаш била задолжена да го изработи во најкус можен рок, а оџаците од котлите на мазут да се чистат редовно.

„Чистењето оџаци го подобрува согорувањето и го намалува загадувањето. За постапувањето со медицински отпад немаше забелешки. Исто така, неопходно е да се спроведат мерења на емисиите во воздухот од страна на акредитирана лабораторија и да се подобри одржувањето на котелот, кој е во видливо лоша состојба. По обезбедување финансиски средства во најитен можен рок, треба да се напушти горењето мазут и да се премине на природен гас, да се вградат сончеви колектори и да се подобри енергетската ефикасност“, велат од Инспекторатот.

Државниот инспекторат за животна средина продолжува со надзори во јавните институции во координација со овластените општински инспектори. Оттука велат дека пријавите од граѓаните се корисни и добредојдени.

Share
Scroll to Top