Односите и соработката меѓу Република Северна Mакедонија и Република Хрватска се во постојана нагорна линија, истакна заменик министерката за надворешни работи Фатмире Исаки по средбата со државниот секретар во Државниот уред за Хрватите надвор од Хрватска, Звонко Милас.
„Пријателството во последните три децении континуирано се надоградува со продлабочување и зајакнување на меѓусебниот политички дијалог, економската соработка, културната, трговската и туристичка размена и соработка во многу други сфери. Не помалку значаен сврзник во нашите меѓусебни односи се и претставниците на нашата заедница во Хрватска и на хрватската во Северна Македонија, кои преку низа активности остануваат во постојан контакт со својата матичната држава, култура и јазик и паралелно, даваат особен придонес во квалитетот на нашите одлични билатерални односи и соработка“, рече Исаки.
Додаде, дека во заеничкиот разговор бил поздравен фактот што двете Влади имаат многу позитивен однос кон прашањата за малцинствата кои претставуваат комплексни теми.
„Малцинствата ги споделуваат истите проблеми со кои се судираат сите граѓани во една држава, почнувајќи од актуелната пандемија до социо-економските прашања, но, истовремено имаат и дополнителни предизвици поврзани со зачувување на нивниот културен и национален идентитет, а пред се заштитата на културното наследство, образование и негување на мајчиниот јазик“, предочи Исаки.