Истражување: Македонија со умерен ризик за корупција

пред 4 години

Северна Македонија за прв пат заедно со 14 земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) беше опфатена во програмата Индекс за интегритет на владите во секторот одбрана (Government Defence Integrity Index – GDI) на Transparency International. Индекс за интегритет на владите во секторот одбрана обезбедува детална оценка на ризиците од корупција во институициите на националната одбрана со оценување на секоја  држава во пет клучни области на ризик: финансиска, оперативна, персонал, политичка и јавни набавки.

РСМ е оценета со просечна оцена 62 (оцена C) – умерен ризик заедно со Босна и Херцеговина, Естонија, Грузија, Литванија и Полска. Оценувањето по главните области на ризик за корупција за РСМ е: политички ризик – C 66 бода, финансиски ризик – C 59 бода, ризик на персонал – B 79 бода, ризик од работење – D 38 бода и ризик на набавка – B 68 бода.

Просечна оценка за регионот е 48/100 што означува висок ризик од корупција. Црна Гора е оценета со „висок ризик“ со резултат 32, додека Азербејџан има резултат 15 со што влегува во категоријата на „критичен ризик“. Високиот степен на транспарентност ја прикажува Латвија како најдобра во регионот со резултат 67 што означува „низок ризик“ од корупција и Република Северна Македонија како втора рангирана во ЦИЕ со резултат 62 што означува „умерен ризик” од корупција. Авторитарните влади го имаат намалено парламентарниот надзор (Полска) и го ограничиле пристапот до информации (Унгарија), со што ја ограничиле клучната област за јавна дебата и надзор.

„За да се постигне подобар напредок и да се зајакне доброто владеење во областа на одбраната Транспаренси Интернешнл- Македонија ја повикува Владата да ја почитуваат независноста на Собранието и институциите за надзор и да им ги обезбедат информациите и времето коешто им е потребно за да ја извршуваат својата надзорна улога, да се зголеми ефикасноста на законот за укажувачи и да се гарантира транспарентен и ефективен пристап до информации како и поголема транспарентност во врска со информации во областа на националната безбедност”, изјави Слаѓана Тасева претседател на ТИ Македонија.

„Дозволете да го изразам моето задоволство што успеавме да се искачиме на високото второ место на листата од сите земји на централна и источна Европа кои се опфатени во истражувањето. Пред нас е само Латвија. Зад нас се сите земји од нашиот регион. Успеавме да бидеме подобри од 4 земји кои се веќе членки на ЕУ и од 6 земји кои се членки на НАТО од многу поодамна. Направивме силен пробив во транспарентноста и интегритетот во работењето. Покажавме дека можеме да обезбедиме европски вредности и стандарди дома”,изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска Јанковска.

Share
Scroll to Top